Путин: Руско-кинеските односи ја стабилизираат меѓународната ситуација

Рускиот претседател Владимир Путин, на средба со кинескиот министер за надворешни работи, Ванг Ји во Москва

Соработката меѓу Русија и Кина е од големо значење за стабилизација на меѓународната ситуација, рече рускиот претседател Владимир Путин, по средбата со кинескиот министер за надворешни работи, Ванг Ји во Москва.

„Денес меѓународните односи се комплицирани. Во овој контекст соработката меѓу Кина и Русија е од големо значење за стабилизација на меѓународната ситуација. Односите меѓу Русија и Кина прогресивно се развиваат и достигнуваат нови граници“, рече Путин, додавајќи дека напролет очекува посета и од кинескиот претседател Си Џинпинг.

Шефот на кинеската дипломатија пак порача дека ќе работи на „зајакнување и продлабочување“ на односите меѓу Москва и Пекинг и дека руско-кинеските односи не се насочени против трети земји.

Видете и ова: Путин го обвинува Западот за војната во Украина

Ји дојде во Москва по посетата на неколку европски градови, како и по состанокот со украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба за време на Минхенската безбедносна конференција, на кој што му ги претстави „клучните елементи од кинескиот мировен план“ за Украина.

Кина најави дека ќе го објави својот предлог за политичко решение во Украина оваа недела, во пресрет на годишнината од почетокот на војната.

Пред средбата со Путин, Ји во саботата оствари средба и со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, кој што пак предупреди за последиците доколку Кина обезбеди поддршка за руската инвазија на Украина. Како близок сојузник на Русија, Кина никогаш не ја поддржа, но не ја ни осуди руската воена офанзива во Украина.