Се удвои бројот на училишта до кои стигнале дојави за бомби

Полициска кола пред училиште во Скопје поради дојави за бомби

Се удвои бројот на училишта до кои денеска стигнале дојави за поставени бомби.

Попладнево Министерството за внатрешни работи соопшти дека до 11 часот се пристигнати дојави за бомби во 66 училишта во Скопје и едно училиште во Прилеп. Дојава е упатен и до една скопска детска градинка.

Утринава до 10 часот дојави за бомби преку електронски адреси имаше пристигнато до 32 училишта во Скопје и едно училиште во Прилеп.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека се преземаат мерки за безбедно евакуирање на објектите и дека во тек се антитерористички проверки.

И вчера имаше дојави за бомби во десетици училишта, државни институции, вклучително и во резиденцијата на Претседателот на државата, како и во станбени згради, музеи...

Видете и ова: Дојави за бомби и во вилата на Претседателот

Дојави за поставени бомби уште во октомври почнаа да стигаат на електронските адреси прво на училишта, а потоа и на други објекти. Властите велат дека испраќачите тешко се откриваат, се работи за хибридна војна, а ова е начин за сеење страв кај населението.