Претседателот на РСЕ под ирански санкции

Претседателот и главен извршен директор на Радио Слободна Европа (РСЕ) Џејми Флај

Претседателот и главен извршен директор на Радио Слободна Европа (РСЕ) Џејми Флај е еден од дваесетината луѓе и фирми кои беа додадени на листата на санкции на Иран, како одговор на новите мерки кои Европската унија (ЕУ) и Велика Британија ги презедоа против Техеран.

Иранското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека на санкционираните лица им е забранет влез во Иран, а нивниот имот во земјата ќе биде запленет.

ЕУ и Велика Британија вчера воведоа нови санкции против лица и институции од Иран, поради нивната улога во насилното и често смртоносно задушување на протестите во земјата кои почнаа во септември. На листата на санкции беа ставени ирански министри и други политичари.

Видете и ова: ЕУ воведе нови санкции против иранските власти


Иран врши притисок врз независните новинари и извори на информации кои се обидуваа да известуваат за настаните во Иран.

На новата листа ирански санкции се и француската министерка за еднаквост Изабел Ром, францускиот министер за индустриски прашања Роланд Лескур, тројца германски пратеници и француски и белгиски претставници во Европскиот парламент. Осуммина Британци, од кои повеќето воени функционери, исто така се ставени на листата.

Иран соопшти дека овие луѓе се санкционирани поради „поттикнување и охрабрување терористички активности“.

Техеран се обидува да го обвини Западот за големите протести кои почнаа во септември по смртта на 22-годишната девојка Махса Амини, која почина откако беше приведена од моралната полиција поради наводно неправилно носење на шамија или хиџаб.

Овие протести уследија по летните немири поради лошите животни услови и економските проблеми предизвикани од американските санкции поради иранската нуклеарна програма.

Не беа приложени никакви докази за вмешаност на Западот во протестите во Иран. Повеќе од 500 луѓе загинаа, а илјадници беа уапсени за време на повеќемесечните протести.

Иранскиот сервис на РСЕ е под санкции во Иран уште од декември, заедно со францускиот сатиричен магазин Шарли Ебдо.