Руската Дума ја потврди суспензијата на договорот за нуклеарно оружје

Фотографија од видео објавено од прес-службата на руското Министерство за одбрана на 26 октомври 2022 година, од тестирање на балистичката ракета Јарс, како дел од руските нуклеарни вежби.

Руската Дума, односно Долниот Дом на Парламентот, на 22 февруари, ја потврди суспензијата на учеството на Русија во Договорот со Соединетите Американки Држави за нуклеарно оружје Нов СТАРТ.

Денешното гласање доаѓа откако вчера рускиот претседател Владимир Путин рече дека неговата земја ќе го суспендира учеството во договорот што го ограничува стратешкиот нуклеарен арсенал на двете страни.

Горниот дом на рускиот парламент, Советот на Федерацијата, треба да гласа за одобрението во среда попладне во Москва.

Руското Министерство за надворешни работи подоцна соопшти дека има намера да продолжи да ги почитува ограничувањата од договорот за бројот на распоредливи нуклеарни боеви глави.

„Западните елити не ги кријат своите намери. Но, исто така, не можат да не разберат дека е невозможно да се победи Русија на бојното поле“, рече Путин во обраќањето до нацијата.

Видете и ова: Столтенберг ја повика Русија да не го прекинува учеството во Договорот СТАРТ

Новиот договор СТАРТ беше потпишан во Прага во 2010 година, стапи на сила следната година и беше продолжен во 2021 година за уште пет години, веднаш откако американскиот претседател Џо Бајден ја презеде функцијата.

Русија има најголем залихи на нуклеарно оружје во светот, со близу 6.000 боеви глави, додека САД имаат околу 5.500, според експертите.
Русија и Соединетите Американски Држави заедно поседуваат околу 90 отсто од нуклеарните боеви глави во светот, што е доволно за повеќекратно уништување на планетата.