ОН се состанува за Украина, Киев бара резолуција за „мир“, Москва повикува да гласаат против

Архивска фотографија од резултатите од гласањето за време на вонредниот состанок на Генералното собрание на ОН за руските анексии во Украина. Седиште на ОН во Њујорк, 12 октомври 2022 година.

Генералното собрание на ОН се состанува на 22 февруари, два дена пред годишнината од руската инвазија на Украина, при што Киев и неговите сојузници се надеваат дека ќе добијат широка поддршка за резолуцијата која повикува на „праведен и траен мир“.

Нацрт-резолуцијата, поддржана од околу 60 земји, треба да биде изгласана по затворањето на дебатата, што не се очекува најмалку до 23 февруари. Како и претходните резолуции, таа ја потврдува „заложбата на ОН за суверенитет, независност, единство и територијален интегритет на Украина“ и повикува на итен прекин на непријателствата.

Москва ги повика членките на ОН да гласаат против „неурамнотежената и антируска“ резолуција на Генералното собрание, од страна на Киев и други, со која се планира да се одбележи годишнината од рускиот напад врз Украина.

Видете и ова: Нов Маршалов план? Како Украина ќе биде обновена

Украина и нејзините сојузници се надеваат дека ќе ја продлабочат дипломатската изолација на Русија со барање гласови од речиси три четвртини од Генералното собрание за да се изедначи со поддршката што ја доби со неколку резолуции минатата година.

Резолуциите на Генералното собрание не се обврзувачки, но имаат политичка тежина.