Тенкови и бурек
МАКЕДОНИЈА - Иако платите растат, компаниите од пекарската индустрија се соочуваат со проблеми поради недостиг на квалификуван кадар. Велат дека младите немаат интерес за ова, ниту пак сакаат да отворат пекарници. Како што покажува најновата анализа на Стопанската комора, просечната старост на вработените е 57 години.
ДАНСКА / ШВЕДСКА / ГЕРМАНИЈА - Истрагите за експлозиите што ги оштетија гасоводите „Северен тек“ минатата година се во тек и останува нејасно кога ќе завршат, соопштија данското, шведското и германското министерство за надворешни работи, во писмо испратено денеска до Советот за безбедност на ОН.
МАКЕДОНИЈА - Едногласно со 89 гласа „за“, пратениците денеска го изгласаа Законот за задолжување на државната енергетска компанија ЕСМ кај Кредитната банка за обнова – КфВ, за заемот од 25 милиони евра.
БЕЛОРУСИЈА - Поранешната советска република Белорусија ќе ги прошири своите кривични закони за да дозволи смртна казна за државни службеници и воен персонал, за „велепредавство“. Ова го одлучи парламентот во Минск во последното читање на нацрт-законот, во вторник, 21 февруари, пренесува новинската агенција Белта. Предлог-законот сепак мора да биде одобрен и од Горниот дом на парламентот, Советот на Републиката, пред да биде потпишан од авторитарниот владетел Алаксандар Лукашенко.
САД / ПОЛСКА - Американскиот претседател Џо Бајден, денеска изјави дека НАТО е посилен од кога било, за време на посетата на Полска пред првата годишнина од руската инвазија на Украина. Бајден во текот на состанокот со својот полски колега, Анджеј Дуда, го опиша НАТО како „можеби најпостојаниот сојуз во историјата“, истакнувајќи дека е посилен од било кога, и покрај надежта од рускиот претседател Владимир Путин дека ќе се распадне заради војната во Украина.
МАКЕДОНИЈА - Основното јавно обвинителство Скопје пред надлежниот суд поднесе Обвинителен предлог за кривично дело – Ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем против Драган Павловиќ-Латас и Стефан Лазаров. Како што соопшти државното јавно обвинителство, двајцата обвинети преку компјутерски систем ширеле расистичка и ксенофобична репрезентација на идеја која промовира насилство кон жени, со што предизвикале реакции и чувство на згрозеност и вознемиреност во јавноста.
МАКЕДОНИЈА - Владата на денешната седница усвои сет мерки со кои ќе ја подобрува безбедноста на информациските системи во институциите. Како што соопштија од владината прес-служба, ова доаѓа поради потребата од поголема отпорност на јавните институции и зачестени сајбер напади врз нив.
КОСОВО - Косовскиот премиер Албин Курти очекува разговорите со српскиот претседател Александар Вучиќ, кои треба да се одржат на 27 февруари, да се засноваат на предлогот на Европската унија за нормализација на односите. Тој додаде дека не знае дали темата ќе биде нешто друго, „бидејќи многу зависи од посредникот во дијалогот“.
БЕЛГИЈА - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на 21 феврурари изјави дека жали поради одлуката на Русија да го суспендира своето учество во најновиот билатерален договор за контрола на нуклеарното оружје СТАРТ и ја повика Москва повторно да размисли.
УКРАИНА - Обединетите нации соопштија дека руската војна во Украина предизвикала повеќе од 21.000 цивилни жртви од нејзиниот почеток на 24 февруари. Од нив 8.006 се убиени, а 13.287 ранети. Високиот комесар на ОН за човекови права Волкер Тирк во изјава на 21 февруари рече дека најпогодени се многу младите и оние кои се многу стари, предупредувајќи дека бројките на ОН се „само врвот на ледениот брег“.
СРБИЈА - Србија во рок од 48 часа ќе го потпише првиот договор со Обединетите Арапски Емирати за набавка на самоубиствени дронови од таа земја, изјави на 21 февруари српскиот претседател Александар Вучиќ.
MAKEDONIJA - Министерството за финансии е подготвено и може веднаш да излезе на меѓународниот пазар со издавање на еврообврзницата, штом во Собранието заврши процедурата за избор на министер за правда, рече министерот за финансии Фатмир Бесими.
ИТАЛИЈА - Италијанската премиерка Џорџа Мелони пристигна во Киев во вторник, изјави нејзиниот портпарол за агенцијата Франс Прес, каде што се очекува да разговара со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Претседателката на италијанската влада претходно беше во Полска, од каде што со воз замина за Киев.
КИНА - Кинескиот министер за надворешни работи Чин Ганг, чија земја обезбеди силна политичка поддршка за Русија во нејзината инвазија на Украина, на 21 февруари рече дека Кина сака да игра улога во завршувањето на конфликтот.
РУСИЈА - Киев одржуваше разговори со Западот за набавка на оружје пред воената операција, рече рускиот претседател Владимир Путин, во обраќањето до нацијата на 21 февруари.
Тој во декември минатата година ја откажа својата редовна годишна прес-конференција и говорот пред Парламентот.
Путин во вторникот рече дека Русија сакаше да го реши конфликтот во Украина по мирен пат, но дека западните земји подготвиле „различно сценарио“ зад нејзин грб.
МАКЕДОНИЈА - Денеска се извршуваа антитерористички проверки откако на електронските адреси на повеќе институции и објекти, меѓу кои и во вилата на Претседателот на државата и во Уставниот суд, утрово се пристигнати закани за поставена експлозивни направи, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР). Од Кабинетот на претседателот информираат дека претседателот ги почитува насоките на МВР за вакви прилики.