Собранието го донесе Законот за задолжување на ЕСМ, за ревитализација на хидроелектраните

Илустративна фотографија

Едногласно со 89 гласа „за“, пратениците денеска го изгласаа Законот за задолжување на државната енергетска компанија ЕСМ кај Кредитната банка за обнова – КфВ, за заемот од 25 милиони евра.

Рокот на отплата на заемот е 15 години, со вклучен грејс период од пет години. Каматната стапка ќе се утврдува одделно за секоја транша од заемот при нејзино повлекување, а заемот ќе се отплаќа во полугодишни рати кои пристигнуваат за плаќање на 30 јуни и 30 декември.

Видете и ова: Зошто може да се врати евтината струја преку ден?

Инаку, преку Програмата за обновлива енергија ЕСМ - Компонента I, ќе се спроведува ревитализација на хидроелектраните Вруток, Врбен, Равен, Тиквеш, Шпилје, Глобочица, Козјак и Св.Петка.

За ова вкупно се потребни 36,2 милиони евра, а покрај заемот од 25 милиони евра, обезбедени се и 11,2 милиони евра инвестициски грант од Инвестицискиот фонд за Западен Балкан - ВБИФ.

Со ревитализацијата се очекува да се добие зголемување на инсталираната моќност од минимум 13,5 мегавати и зголемено производство на електрична енергија од околу 47,5 гигават часови годишно, намалени трошоци за одржување, зголемена доверливост и стабилност на системот за снабдување со електрична енергија.

Претходните две фази за ревитализација на хидроелектраните исто така се финансирани со заеми, од Светска банка и од КфВ.