Владата со сет мерки ќе ја подобрува сајбер безбедноста на институциите

GERMANY/

Владата на денешната седница усвои сет мерки со кои ќе ја подобрува безбедноста на информациските системи во институциите. Како што соопштија од владината прес-служба, ова доаѓа поради потребата од поголема отпорност на јавните институции и зачестени сајбер напади врз нив.

Затоа, Владата ги задолжи органите на државната управа, а им укажа на останатите институции, да определат лице одговорно за информациска безбедност, за навремено пријавување инциденти и размена на информации поврзани со безбедноста на информациските системи до Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти MKD-CIRT.

Исто така побара сите вработени во органите на државната управа задолжително да се регистрираат и да завршат обука за кибербезбедност за вработени во јавна администрација.

Видете и ова: Долгодишна негрижа или хибридна војна- зошто крахираше системот на ФЗО

„Истовремено, органите на државната управа неопходно е да направат план за реализација и да ги предвидат финансиските импликации на мерките на Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти MKD-CIRT“, се наведува во соопштението.

Владата до MKD-CIRT пак дала препорака за доставување извештај за спроведена бесплатна надворешна кибербезбедносна проверка на веб-апликации на пријавените институции.

Мерките се усвоени на предлог на вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска, а доаѓаат две недели по сајбер нападот на Фондот за здравствено осигурување, со кој меѓу другото заглави исплатата на платите на медицинарите, боледувањата и породилното, а граѓаните маки мачеа да набават лекови.