Курти - Да се држиме до европскиот предлог, а не до интересите на една страна

Косовскиот премиер Албин Курти

Косовскиот премиер Албин Курти очекува разговорите со српскиот претседател Александар Вучиќ, кои треба да се одржат на 27 февруари, да се засноваат на предлогот на Европската унија за нормализација на односите. Тој додаде дека не знае дали темата ќе биде нешто друго, „бидејќи многу зависи од посредникот во дијалогот“.

„По понеделник (27 февруари) ќе знаеме повеќе“, рече тој денеска во Приштина, по еден настан.

На прашањето дали на претстојната средба во Брисел ќе се разговара за обединување на општините со српско мнозинство, Курти рече дека „треба да се држиме до предлогот, а не до интересите на едната страна“.

Дијалогот на највисоко политичко ниво, предводен од Курти и Вучиќ, е закажан за 27 февруари откако двете страни изјавија дека начелно го прифаќаат предлогот на ЕУ за целосна нормализација на односите.

Во една од точките на тој предлог се наведува дека страните мора да ги спроведат сите досега постигнати договори во рамките на дијалогот кој од 2011 година преку ЕУ се води во Брисел.

Еден од тие договори е заедницата на општини со српско мнозинство, која со години го блокира напредокот во дијалогот. Тоа беше договорено во 2013 година како дел од дијалогот, а две години подоцна беа договорени принципите според кои треба да се формира.

Меѓутоа, Косово ја отфрла заедницата, наведувајќи дека таа не е во согласност со Уставот на Косово и дека може да доведе до „боснизација на Косово“, односно дека влијае на функционалноста на централната власт на Косово, како на пример улогата што во БиХ ја игра ентитетот Република Српска.

Видете и ова: Вучиќ по средбата со Борел: Сериозни замерки за Србија што не воведува санкции против Русија


Предлогот на ЕУ за нормализација на односите беше поддржан од САД, Германија и Франција, а на страните им беше претставен во септември 2022 година.

Во него експлицитно не се споменува меѓусебно признавање или членство на Косово во Обединетите нации, но од Србија се бара да не се меша во членството на Косово во меѓународните организации.

Исто така, предвидува двете страни да го почитуваат суверенитетот и интегритетот на другата земја.

Тоа вклучува и еднакви права, признавање на државните симболи, посебен третман за српската заедница во Косово и спроведување на досега постигнатите договори во рамките на дијалогот.