Блинкен - Руската инвазија на Украина е стратешки неуспех

Американскиот државен секретар Антони Блинкен во воздухопловната база Инџирлик во близина на Адана, Турција, 19 февруари 2023 година.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја нарече руската инвазија на Украина „стратешки неуспех“, откако рускиот претседател Владимир Путин вети дека „систематски“ ќе ја продолжи офанзивата што почна пред речиси една година.

„Една година откако претседателот Путин ја нападна Украина. Јасно е дека неговата војна е стратешки неуспех во секој поглед“, рече Блинкен во Атина на крајот од петдневната посета на регионот.

„Никој не ја сакаше оваа војна. Никој не ја сака оваа војна. Сите сакаат таа да заврши што е можно побрзо. Ако дозволиме ова да продолжи неказнето, тогаш ќе ја отвориме Пандорината кутија низ светот“, истакна Блинкен.

Рускиот претседател Владимир Путин во говорот до нацијата не навести крај на војната во Украина и остана на ставот дека Западот е виновен за ескалација на конфликтот.

Видете и ова: Путин го обвинува Западот за војната во Украина

Американскиот државен секретар Антони Блинкен во вторникот, за време на неговата посета на Грција, ги повика сојузниците во НАТО, Грција и Турција да ја смират реториката, во обид да го зајакнат единството во Алијанса додека руската инвазија на Украина се ближи до својата годишнина.

Блинкен се состана со официјални лица во Атина по посетата во Турција, каде што ги посети и регионите најтешко погодени од неодамнешни земјотреси.

Грчките и турските власти рекоа дека се подготвени да направат пауза од долготрајните спорови за морските граници во источниот Медитеран.
Блинкен рече дека се надева оти паузата ќе даде можност за враќање на дипломатијата.

„Тоа е длабоко во наш интерес и верувам и во интерес и на Грција и на Турција е да најдат начини за решавање на долготрајните разлики“, им рече тој на новинарите во Атина во вторникот.