Русија го запира учеството во Новиот договор СТАРТ со Соединетите Американски Држави, со кој се ограничува стратешкиот нуклеарен арсенал на двете страни, изјави рускиот претседател Владимир Путин во вторникот за време на говорот до нацијата.
„Во оваа смисла, принуден сум денеска да објавам дека Русија го суспендира своето учество во Договорот за стратешко офанзивно оружје“, им рече Путин на пратениците на крајот од големиот говор во парламентот, речиси една година по војната во Украина.
Новиот договор СТАРТ беше потпишан во Прага во 2010 година, стапи на сила следната година и беше продолжен во 2021 година за уште пет години, веднаш откако американскиот претседател Џо Бајден ја презеде функцијата.
Со Договорот се ограничува бројот на стратешки нуклеарни боеви глави што САД и Русија можат да ги распоредат, како и распоредувањето на проектили и бомбардери од копно и подморници за нивно испорачување.
Русија има најголеми резерви на нуклеарно оружје во светот, со близу 6.000 боеви глави, според експертите.
Русија и Соединетите Американски Држави заедно држат околу 90 отсто од нуклеарните боеви глави во светот - доволно за повеќекратно уништување на планетата.