Србија ќе набавува „самоубиствени“ дронови од Емиратите

Архивска фотографија - Српскиот претседател Александар Вучиќ зборува со војници на армискиот аеродром во близина на Белград.

Србија во рок од 48 часа ќе го потпише првиот договор со Обединетите Арапски Емирати за набавка на самоубиствени дронови од таа земја, изјави на 21 февруари српскиот претседател Александар Вучиќ.

Вучиќ на новинарите во Абу Даби им рече се надева оти самоубиствени беспилотни летала многу брзо ќе бидат на територијата на Србија. Тој го посети саемот за оружје и воена опрема 2023 година во Абу Даби.

Таканеречените „самоубиствени“ дронови се мали и преносливи беспилотни леталакои носат боеви глави и детонираат при удар.
Тој додаде дека во наредните денови очекува ескалација на конфликтот во Украина, што, според него, уште повеќе ќе ја отежне позицијата на Србија.

Видете и ова: Руски напади со ракети и дронови врз Украина


„Ни претстои период на предизвици, од изјавите на претседателот Владимир Путин е јасно дека тој ќе продолжи многу жестоко во Украина. Очекувам големи промени на бојното поле за неколку дена и во понатамошното политичко дејствување кон Србија и од западната страна и од други меѓународни фактори“, рече Вучиќ.

Во обраќањето до нацијата на 21 февруари, рускиот претседател Владимир Путин ги обвини западните земји за поттикнување војна за уништување на Русија и за започнување на конфликтот во потрага по „неограничена моќ“.