Од каматата ќе зависи колкава ќе биде еврообврзницата

Министерот за финансии Фатмир Бесими.

Министерството за финансии е подготвено и може веднаш да излезе на меѓународниот пазар со издавање на еврообврзницата, штом во Собранието заврши процедурата за избор на министер за правда, рече министерот за финансии Фатмир Бесими.

Македонија требаше да се задолжи со 600 милиони евра преку еврообврзница со годишна каматна стапка од 6,25 отсто и рок на доспевање од 4 години, но тоа беше одложено затоа што поранешниот министер за правда Никола Тупанчески не ја потпишал пред да поднесе оставка. Сега ќе се чека избор на нов министер, по што ќе се одржи нова аукција.

Видете и ова: Одложувањето на еврообврзницата може да нè чини милиони евра

Според него новата аукција нема да повлекува финансиски трошок, бидејќи тоа е во рамки на договорот што го има земјата со конзорциумите банки. Сепак не се знае по каква камата ќе биде новата еврообврзница и во зависност од каматата ќе биде одреден и износот на кој ќе биде издадена еврообврзницата.

„Доколку каматата е над 7 проценти и повеќе, може да се разгледа опцијата да се издаде еврообврзница само на 500 милиони евра, па во текот на годината да се видат повторно условите“, рече министерот Бесимирече во гостување во 24 Анализа.

Појаснувајќи ја постапката поради која ќе се повтори аукцијата за издавање на еврообврзница, рече дека тоа е поука и најави дека ќе се предложат законски измени со кои нема да се потпишува мислењето само од министер за правда, туку тоа да може да биде и друг член од Владата.