Кинескиот министер за надворешни работи Чин Ганг, чија земја обезбеди силна политичка поддршка за Русија во нејзината инвазија на Украина, на 21 февруари рече дека Кина сака да игра улога во завршувањето на конфликтот.
Чин Ганг на учесниците на безбедносната конференција во Пекинг им рече дека Кина е загрижена дека војната, која трае речиси една година, може дополнително да ескалира и „да излезе од контрола“.
„Пекинг е многу загрижен поради овој конфликт кој се интензивира, па дури и излегува од контрола“, рече тој пред десетици странски амбасадори и дипломати.
Чин Ганг додаде дека Кина ќе продолжи да се залага за мировни преговори и да обезбеди „кинеска мудрост“ за да се постигне политичко решение.
„Истовремено, ги повикуваме погодените земји веднаш да престанат да додаваат масло на огнот, да престанат да ја префрлаат вината на Кина и да престанат да зборуваат за Украина денес, а утре за Тајван“, рече Чин.
Видете и ова: Шефот на кинеската дипломатија повика да се стави крај на непријателствата во УкрианаКина никогаш не ги осудила руските акции против својот источноевропски сосед, ниту го употребила зборот „инвазија“.
Кина и Русија ја усогласија својата надворешна политика за да се спротивстават на САД и, неколку недели пред инвазијата во Украина, нивните лидери прогласија партнерство „без ограничувања“. Кина, исто така, вели дека Русија била испровоцирана да користи воена сила со проширувањето на НАТО кон исток.
И покрај тоа, Чин го повтори тврдењето на Кина дека „секогаш заземала објективен и непристрасен став заснован на основаноста на прашањето“.