Плати, струја, муниција...

РУСИЈА - Односите меѓу Русија и Молдавија се многу напнати, соопшти Кремљ обвинувајќи ги молдавските лидери дека спроведуваат антируска агенда, седум дена откако Кишињев објави дека спречил руски обид за пуч.

КИНА - Највисокиот кинески дипломат Ванг Ји, кој оваа недела треба да ја посети Русија на една година од нејзината инвазија на Украина, на 20 февруари повика на преговори и мир за доброто на светот.

ТУРЦИЈА - Земјотрес со јачина од 6,2 до 6,4 степени според Рихтеровата скала на длабочина од 2 километри го погоди турско-сирискиот пограничен регион на 20 февруари, соопшти Европскиот медитерански сеизмолошки центар (EMSC).

МАКЕДОНИЈА - Почна исплатата на платата на здравствените работници, соопшти денеска Фондот за здравствено осигурување. Оттаму наведуваат дела исплатата ќе се врши постепено во етапи и се очекува да заврши во следните 48 часа.

ЕУ / ИРАН - Европската унија ги замрзна средствата и објави визна забрана за иранскиот министер за образование Јусуф Нури и министерот за култура Мухамед Мехди Есмаили како дел од петтата рунда санкции против Иран.

ИРАН - Нови антивладини протести беа организирани во неколку населби во Техеран, при што демонстрантите продолжија да покажуваат пркос поради смртта на Махса Амини која беше приведена поради наводно неправилно носење хиџаб.

САД - Вашингтон силно го поддржува брзиот пристап на Шведска и Финска во НАТО, со оглед на чекорите што тие веќе ги презедоа, изјави американскиот државен секретар Антони Блинкен за време на посетата на Турција.

МАКЕДОНИЈА - Висок претставник на Вселенската патријаршија на 20 февруари во Бигорскиот манастир во Македонија одржа заедничка литургија со претставниците на Македонската православна црква - Охридска архиепископија (МПЦ-ОА).

БУГАРИЈА - Бугарската полиција на 19 февруари пронајде минибус со 43 мигранти во близина на градот Ихтиман, 55 километри југоисточно од главниот град Софија, јавува бугарскиот сервис на Радио Слободна Европа.

МАКЕДОНИЈА - Сега се прават анализи дали е возможно од економска гледна точка да се врати евтината струја во текот на денот, изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски вели Марко Бислимоски во денешното гостување на ТВ24. Таква евентуална промена би се случила на 1 јули кога вообичаено се прават промени на цените на енергетските услуги.

МАКЕДОНИЈА - На меѓународниот аеродром во Скопје се спроведуваат антитерористички проверки по добиената пријава за испратена закана за поставена бомба, соопштија од Министерството за внатрешни работи (МВР). Скопскиот аеродром и претходно беше цел на дојави за поставени бомби, што подоцна се утврди дека се лажни. Претходно денеска полицијата соопшти дека се спроведуваат безбедносни проверки во осум училишта во Скопје и во две во Прилеп, откако утрово на нивните електронски адреси пристигнале закани за поставена експлозивна направа.

ЕУ - Шефот за надворешна политика на Европската унија (ЕУ) Жозеп Борел ја повика Унијата да го забрза производството и испораката на муниција за Украина, велејќи дека исходот од војната со Русија може да биде одлучен од тоа.
„Ова е најитното прашање“, рече денеска Борел при пристигнувањето на состанокот на министри за надворешни работи од ЕУ во Брисел.

УКРАИНА - Американскиот претседател Џо Бајден во понеделник, 20 февруари, допатува во ненадејна посета на Киев. Ова е негова прва посета на земјата зафатена со војна. За време на посетата Бајден и украинскиот претседател Володимир Зеленски разговараа за оружје со долг дострел, а американскиот претседател рече дека Украина ќе добие нов пакет воена помош во вредност од 500 милиони долари.