Советот за безбедност на ОН ја осуди легализацијата на еврејските населби на окупираните територии

Еврејската населба Кохав Хашахар, на Западниот Брег под израелска окупација, 6 ноември 2022 година.

Советот за безбедност на ОН ја осуди легализацијата на девет еврејски населби на окупираниот Западен Брег, оценувајќи дека населбите се пречка за мирот.

Како што се наведува во соопштението, кое го поддржаа сите 15 членки на Советот, континуираното проширување на еврејските населби ја загрозува одржливоста на решението на конфликтот меѓу Израел и Палестинците според моделот на две држави.

Советот „строго се спротивставува на сите еднострани чекори кои го нарушуваат мирот, вклучително и изградбата и проширувањето на еврејските населби, конфискацијата на палестинската земја и „легализацијата“ на населбите, уривањето на палестинските домови и раселувањето на палестинските цивили“, се додава во соопштението.

Видете и ова: Двајца загинати во Израел откако автомобил влетал во автобуска постојка

Исто така се „изразува длабока загриженост и вознемиреност“ поради најавата на Израел дека ќе легализира девет нови населби и ќе изгради нови станови во постоечките населби.

По таквата објава на израелскиот безбедносен кабинет на 12 февруари, Обединетите Арапски Емирати споделија со членовите на Советот нацрт-резолуција со која се осудуваат сите обиди за анексија, вклучително и израелските одлуки и мерки поврзани со населбите, и се повикува на нивно итно повлекување.

Нацртот, исто така, бараше Израел „веднаш и целосно да ги прекине активностите за населување на окупираните територии, вклучувајќи го и Источен Ерусалим“. Соединетите држави, кои имаат право на вето во Советот, не се согласија со резолуцијата.

Видете и ова: Блинкен повика на смирување на тензиите меѓу Палестина и Израел

Стејт департментот го осуди нацрт-документот, велејќи дека тој нема да придонесе за поддршката неопходна за преговорите за решение на конфликтот.

Сепак, Вашингтон ја осуди и најавата на Израел за легализација на девет населби.

Нацрт-резолуцијата беше повлечена по разговорите меѓу Палестинците и Американците, изјави дипломатски извор цитиран од АФП.

Израел го освои Западниот Брег со Источен Ерусалим и Појасот Газа во војната во 1967 година. Палестинците имаат намера да основаат своја независна држава на овие територии.