Вашингтон силно го поддржува брзиот пристап на Шведска и Финска во НАТО, со оглед на чекорите што тие веќе ги презедоа, изјави американскиот државен секретар Антони Блинкен за време на посетата на Турција.
Шведска и Финска аплицираа за приклучување кон Алијансата минатата година откако Русија ја нападна Украина, но се соочија со негодување од Турција.
Анкара вели дека Стокхолм засолнува, како што велат, членови на терористички групи. Турција неодамна посочи дека само Финска ќе добие членство во НАТО.
„Финска и Шведска веќе презедоа конкретни чекори за исполнување на нивните обврски од трилатералниот меморандум за договор што го потпишаа“, рече Блинкен.
Видете и ова: Финскиот министер за одбрана: Нема да ja чекаме Шведска за влез во НАТОПовторувајќи дека прашањето за нордиското проширување на НАТО не е билатерално со Турција, Блинкен рече дека САД силно ги поддржуваат Шведска и Финска да се приклучат на Алијансата „што е можно побрзо“.
Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, рече дека сите страни во Алијансата мора да ја убедат Шведска да преземе дополнителни чекори за да ги реши грижите на Анкара и да ја добие нејзината поддршка.
На прашањето дали Анкара ќе го одобри приемот на овие земји на самитот на НАТО во Литванија во јули, Чавушоглу рече дека Стокхолм мора да направи повеќе.
„Шведска го промени законот, но гледаме дека во Шведска продолжуваат различни активности, вклучително и финансирање на тероризам, регрутирање и пропаганда“, рече тој.
„Ако преземат чекори што ќе го убедат нашиот парламент и народот, тогаш може да има развој во таа насока“, рече Чавушоглу.