Шефот за надворешна политика на Европската унија (ЕУ) Жозеп Борел ја повика Унијата да го забрза производството и испораката на муниција за Украина, велејќи дека исходот од војната со Русија може да биде одлучен од тоа.
„Ова е најитното прашање“, рече денеска Борел при пристигнувањето на состанокот на министри за надворешни работи од ЕУ во Брисел.
„Ако не успееме во тоа, резултатот од војната е во опасност“, рече Борел, додавајќи дека руските сили испукуваат околу 50 илјади гранати дневно.
Тој рече дека Украина треба да го има истиот капацитет.
„Тие имаат артилерија, но им недостига муниција“, рече Борел.
За време на безбедносната конференција во Минхен, од 17 до 19 февруари, естонската премиерка Каја Калас предложи ЕУ да купи муниција за одбраната на Украина во име на земјите-членки.
Според предлогот, членките ќе ѝ стават пари на располагање на ЕУ, која ќе склучи големи договори со производителите на муниција, што ќе им овозможи да го зголемат производството. Слична програма беше направена за време на пандемијата на ковид-19 за да се олесни производството на вакцини.
„Русија дневно користи колку што ЕУ произведува месечно, а со сегашните капацитети на воената индустрија, можеме да ги достигнеме потребите на Украина за околу 6 години, така што ова е целосно неприфатливо“, изјави естонскиот министер за надворешни работи Урмас Реинсалу во пресрет на денешниот состанок.
Борел, кој исто така беше присутен во Минхен, го поддржа предлогот и рече дека Унијата „работи“ на таа идеја.
На состанокот во Брисел, на кој присуствува и министерот за надворешни работи на Украина Дмитро Кулеба, треба да се разговара за руската агресија врз Украина, како и за новиот пакет санкции против Москва.
Министрите за надворешни работи од ЕУ треба да се сретнат и со шефот на молдавската дипломатија Нику Попеску.
Борел исто така рече дека му кажал на кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји дека испораката на оружје за Русија ќе биде „црвената линија“ во односите на ЕУ со Пекинг.
„Ми рече дека нема да го направат тоа, дека не планираат да го сторат тоа. Но, ние ќе останеме будни“, рече Борел.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен претходно ја предупреди Кина дека испораката на оружје за Русија за нејзината војна против Украина ќе донесе „сериозни последици“.