Американскиот претседател Џо Бајден во понеделник, 20 февруари, допатува во ненадејна посета на Киев. Ова е негова прва посета на земјата зафатена со војна.
Тој во понеделникот требаше да ја посети Полска по повод одбележувањето на првата годишнина од почетокот на инвазијата на Украина.
За време на посетата Бајден и украинскиот претседател Володимир Зеленски разговараа за оружје со долг дострел, а американскиот претседател рече дека Украина ќе добие нов пакет воена помош во вредност од 500 милиони долари.
Зеленски рече дека посетата на Бајден е „исклучително важен“ знак за поддршка за сите Украинци.
За време на посетата на Бајден во Киев, се огласија сирените, но засега нема информации за руски проектили или воздушни напади.
Во пресрет на посетата на Бајден, Белата куќа соопшти дека Бајден ќе објави и дополнителни санкции против Русија.
Американскиот претседател ја посети Полска на крајот на март минатата година, но не ја премина границата со соседна Украина. Украинскиот претседател ги посети Соединетите Американски Држави на крајот на минатата година кога се обрати на заедничката седница на Конгресот. Тоа беше прв пат тој да излезе од Украина од почетокот на војната.
На 24 февруари минатата година, Русија започна инвазија на Украина во која се убиени илјадници луѓе, милиони беа протерани од Украина, а градовите се претворени во урнатини.