Собранието денеска напладне треба да ја продолжи 104. Седница на која се расправа за реконструкција на Владата. На дневен ред е предлогот за разрешување на министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити и на министерот за здравство Беким Сали од партијата Алтернатива, која ја напушти Владата, откако претходно падна одлука на владиниот состав да му се приклучи партијата Алијанса за Албанците.
Сто и четвртата седница почна на 13 февруари, откако Собранието ги констатираше оставките на министерот за правда Никола Тупанчески и на министерот за животна средина Насер Нуредини, како и на заменик-министрите за здравство Владимир Рендевски и за правда Агим Нухиу.
Расправата за Алити почна во петокот, откако во четвртокот вечерта заврши дебатата за разрешувањето на министерот за здравство Беким Сали. Гласањето за разрешувањето на Сали треба да биде дополнително закажано, а не се одржа бидејќи немаше доволен број пратеници во собраниската сала.
Останува уште и разрешувањето на министерот без ресор задолжен за дијаспора Џемаил Чупи, како и назначувањата на Фатмир Меџити за министер за здравство, Азир Алиу за министер за информатичко општество, Кренар Лога за министер за правда и Каја Шукова за министер за животна средина, како и разрешувањето и на назначување на нови заменици министри.
Видете и ова: Зголемување на парламентарното мнозинство – две напред едно назадСо проширување на владината коалиција, премиерот Димитар Ковачевски очекуваше стабилизирање на тенкото мнозинство во Собранието. Тој најавува дека се прави европска коалиција за внесување на Бугарите во Уставот и откочување на евроинтеграциите, но двотретинско мнозинство за промена на Уставот не е можно без гласови од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ.
Владината коалиција на СДСМ, ДУИ и Алтернатива досега броеше 64 пратеници во 120-члениот парламент. Со влезот на Алијанса за Албанците се добиваат плус осум пратеници, но излегуваат тројцата од Алтернатива.