Лекари без граници бараат итна помош за Сирија

Илустрација

Меѓународната невладина организација „Лекари без граници“ повика на итно зголемување на хуманитарната помош во северна Сирија. Конвој од 14 камиони со помош на „Лекари без граници“ за жртвите од земјотресот пристигнал во Сирија преку граничниот премин Ал Хамам од Турција на 19 февруари.

„Помошта сега е занемарлива. Потребно е многу повеќе за да се одговори на размерите на хуманитарната криза“, велат од „Лекари без граници“.

Од организацијата најавија дека наскоро ќе пристигне и конвој со медицинска помош. Првиот хуманитарен конвој на Обединетите нации пристигна во северозападна Сирија на 9 февруари, три дена по разорниот земјотрес.

Според извештајот на Обединетите нации, околу 6.000 луѓе загинале во земјотресот на 6 февруари во Сирија, вклучително и 4.400 кои живееле во северозападниот дел на земјата. Сирија е под санкции на западните земји, па од нив не доаѓа никаква помош за подрачјата под контрола на владата во Дамаск.

Видете и ова: Турција: Вечерва прекинува потрагата по преживеани

На 14 февруари, генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш упати итен хуманитарен апел во име на организацијата да се соберат 397 милиони долари за помош на сириското население во следните три месеци.

„Ги повикувам членките на ОН да ја финансираат помошта која е очајно потребна за речиси пет милиони Сиријци“, рече Гутереш.

Тој додаде дека по земјотресот, милиони луѓе се борат да преживеат, без покрив над главата и соочени со ниски температури.

Во земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала што ги погоди Турција и Сирија на 6 февруари, повеќе од 45.000 луѓе загинаа, а повеќе од еден милион останаа без покрив над главата.