Премиерката на Естонија, Каја Калас го претстави предлогот за Европската унија да обезбеди муниција за украинската одбрана, на Конференцијата за безбедност што се одржува во Минхен.
Според Калас, земјите на ЕУ треба да дадат пари на располагање, кои потоа ќе се користат за склучување договори со одбранбената индустрија преку ЕУ, а со кои ќе се овозможи да се забрза производството на оружје и да се зголемат количините што ќе може да се испорачаат.
„Русија за еден ден пука со месечно европско производство на артилериски гранати“, додаде Калас, посочувајќи дека руската одбранбена индустрија моментално работи во три смени.
„Во ЕУ, производствените капацитети мора брзо да се прошират. Без муниција, Украина не може да победи во војната“, додаде Калас.
Видете и ова: Зеленски: Украина нема да биде последната станица на ПутинШефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, го одобри предлогот и рече дека ќе се „работи“ на идејата.
„Ние сме во воен режим, итен воен режим“, рече Борел.
Војната во Украина е доминатна тема на овогодишната конференција за безбедност во Минхен. За прв пат по две децении, Русија не е поканета на конференцијата, бидејќи западните земји се обидуваат дипломатски да ја изолираат Москва поради инвазијата на Украина.
Русија ја започна својата целосна, неиспровоцирана инвазија на Украина пред една година, на 24 февруари 2022 година, предизвикувајќи ја најголемата војна во Европа од Втората светска војна.