Холандија ќе протера десетмина руски дипломати, изјави во саботата, 18 февруари, холандскиот министер за надворешни работи Вопке Хукстра. Тој рече дека одлуката е поради тоа што Русија се обидувала тајно да ги смести своите разузнавачи во Холандија.
Холандската влада вчера соопшти и дека ќе го затвори својот конзулат во Санкт Петербург, вториот по големина град во Русија, и дека ќе го ограничи бројот на руски дипломати во руската амбасада во Хаг.
„Русија продолжува да се обидува тајно да внесе разузнавачки агенти во Холандија под закрила на дипломатијата. Тоа не можеме и нема да го дозволиме“, рече во изјавата министерот за надворешни работи Вопке Хоекстра.
Лани во март, Холандија протера 17 руски дипломати осомничени за шпионажа, а како одмазда Москва протера неколку холандски дипломати од Русија. Холандскиот министер рече дека земјите се согласиле да примат нови дипломати, но дека Русија не сака да ги издаде потребните визи.
Односите меѓу двете земји се затегнати по соборувањето на патничкиот авион MH17 над источна Украина во 2014 година.
Видете и ова: Судот во Стразбур ги смета за прифатливи случаите против Русија за соборувањето на MХ 17Тогаш Боингот на „Малезија ерлајнс“ беше соборен со руска противвоздушна ракета, при што загинаа 298 лица, повеќето од холандска националност. Односите дополнително се влошија по руската инвазија на Украина минатата година.