Северна Кореја лансираше балистичка ракета, САД и Јужна Кореја одговорија со воени вежби

Илустративна фотографија

Северна Кореја соопшти дека тестот на интерконтиненталната балистичка ракета, е насочен да се унапредат капацитетите за нуклеарен напад врз непријателот.

Државните медиуми на земјата објавија дека лансирањето на балистичката ракета било организирано „ненадејно“ без претходна најава и имало за цел да ја потврди нуклеарната подготвеност на земјата.

Видете и ова: Земјите од Г7 го осудија лансирањето балистичка ракета од Северна Кореја

Ракетата прелета 989 километри на височина од 5.768 километри и ѝ беа потребни 66 минути и 55 секунди за да стигне до својата дестинација, информираат тамошните државни медиуми.

Во меѓувреме Јужна Кореја и Соединетите Држави одржаа комбинирана воздушна вежба во која учествуваше американски стратешки бомбардер како одговор на севернокорејското лансирање на интерконтиненталната балистичка ракета, пренесува Асошиејтед прес.

Минатата година, Северна Кореја лансираше повеќе од 70 проектили, велејќи дека многу од тие тестови биле одговор на претходните заеднички воени вежби меѓу Јужна Кореја и САД.