Американскиот државен секретар Ентони Блинкен на средба со шефот на кинеската дипломатија, Ванг Ји, му порачал дека не смее да се повтори повредата на воздушниот простор на САД, мислејќи на инцидентот кога Соединетите држави соборија кинески воздушен балон, за кој постои сомнеж дека имал за цел шпионажа, пред две недели.
Блинкен и Ји се сретнаа во Минхен, каде што се одржува меѓународна безбедносна конференција. Средбата која што се одржа во саботата, 18 февруари, е прва средба на високо ниво меѓу двете земји по инцидентот со балонот.
Блинкен претходно овој месец го откажа патувањето во Пекинг поради инцидентот со балонот, кој стана сериозна точка на расправија меѓу двете земји.
Шефот на кинеската дипломатија Ванг Ји пак, ги повтори критиките на Пекинг кон САД за соборувањето на балонот. Пекинг тврди дека соборениот балон во САД бил користен главно за метеоролошки истражувања, кој излетал од курсот поради силните ветрови и имал ограничени способности за самоуправување.
Ванг Ји, го повтори ова и во говорот на конференцијата и ги обвини САД за кршење на меѓународните правни норми со уништување на објектот со проектилот истрелан од борбен авион.
„Овие акции не покажуваат дека САД се големи и силни, токму спротивното“, рече Ји.
Тој, исто така, ги обвини САД дека го ограничуваат економскиот напредок на Кина и бараат начини да го ограничат нејзиниот понатамошен развој. „Она што се надеваме од САД е прагматичен и позитивен пристап кон Кина што ќе ни овозможи да работиме заедно“, нагласи Ванг.