Орбан: Ќе продолжиме да ги одржуваме економските односи со Русија

УНГАРИЈА -Премиерот Виктор Орбан

Унгарскиот премиер Виктор Орбан порача дека ќе продолжи да ги одржува добрите односи со Москва и ги повика другите да го сторат истото, додека Европската унија (ЕУ) се обидува да одржи единствен став кон Русија во врска со нејзината инвазија врз Украина.

„Ние ќе продолжиме да ги одржуваме нашите економски односи со Русија и тоа им го предлагаме на нашите сојузници“, рече Орбан во саботата, 18 февруари, во своето редовно обраќање до нацијата.

„Унгарската влада не ја смета за реална сугестијата дека Русија е закана за безбедноста на Унгарија или Европа. Наместо тоа, Европа е на работ на војна...Всушност, таа веќе е во индиректна војна со Русија“, рече Орбан.

„Ни останува само еден избор: да не влеземе во војна. Нема да биде лесно, како земја членка на НАТО и ЕУ, бидејќи сите се таму за војна“, тврди Орбан и додаде дека „војната ќе станува сè побрутална и сурова“.

Видете и ова: Унгарија му припаѓа на „мировниот камп“, рече Орбан по средбата со Зеленски

Од почетокот на инвазијата на Украина во февруари минатата година, Унгарија одржува двосмислени позиции по прашањето за војната. Орбан ја осуди руската агресија, но никогаш не го именуваше рускиот претседател Владимир Путин.

Унгарскиот премиер, кој има блиски врски со Путин, исто така одби да испрати оружје во Украина, повикувајќи на прекин на огнот и мировни преговори.

Тој ги посочи санкциите на ЕУ против Русија како причина за високата инфлација во Унгарија, која достигна 26 отсто во јануари, што е највисоко ниво во Европа.