Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, категорично отфрли какви било територијални отстапки на неговата земја, по објавувањето на мировниот план на Кина.
Говорејќи на маргините на безбедносната конференција во Минхен, Кулеба рече дека во интерес на Украина е Кина да игра улога во потрагата по мир, но дека за нејзиниот територијален интегритет не може да се преговара.
„Не се можни ниту отстапки, ниту компромиси во однос на територијалниот интегритет на Украина, ниту на која било друга земја во светот“, рече Кулеба.
Ванг Ји, висок кинески политички функционер, во Минхен изјави дека Кина наскоро ќе го претстави својот предлог за прекин на војната во Украина, но без да соопшти дополнителни детали.
Претседателот на украинскиот парламент Руслан Стефанчук, пак, на маргините на конференцијата изјави дека Украина се надева дека ќе добие покана за НАТО веќе во текот на летото.
„Очекуваме дека Украина ќе добие покана за самитот во Вилнус и на тој начин ќе го започне својот пат кон алијансата“, изјави Стефанчук за украинската телевизија.
Тој исто така рече дека во Минхен веќе се разговарало за прашањата поврзани со поканата на Украина за членство во алијансата.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски на крајот на септември објави дека Украина поднела барање за членство во НАТО по забрзана постапка. Соопштението дојде веднаш откако рускиот претседател Владимир Путин објави анексија на четири окупирани украински региони во Кремљ.