Финска нема да ја чека Шведска за влезот во НАТО, ако турските власти продолжат да го блокираат членството на нашиот сосед, изјави денеска финскиот министер за одбрана, Мико Савола.
Тој во изјава за Асошиејтед Прес вели дека Финска би сакала двете земји да станат членки на алијансата заедно, но дека нема да го сопрат целиот процес доколку Турција го одобри членството на Финска, а не на Шведска, како што претходно предупредија турските власти.
„Во тој случај ќе станеме земја-членка“, рече Савола во интервјуто, на маргините на безбедносната конференција во Минхен.
По повеќедецениската политика на неврзување во воените сојузи, откако се случи руската инвазија врз Украина, Финска и Шведска инсистираа заедно да се приклучат кон НАТО.
„Шведска е нашиот најблизок партнер. Речиси секоја недела нашите одбранбени сили тренираат заедно. Тоа е многу длабока соработка и ние целосно си веруваме еден на друг. Но сега сè е во рацете на Турција“, рече Савола.
Сите земји членки на НАТО, освен Турција и Унгарија, веќе дадоа зелено светло на двете земји за членство. Унгарија рече дека ќе го стори тоа наскоро, но Анкара изминатиот период постави повеќе услови за влез на Шведска во Алијансата, меѓу кои екстрадиција на поддржувачи на Курдската работничка партија и на организацијата ФЕТО, кои ги смета за терористички организации.
Слични пораки испратија и други фински високи функционери. Премиерката Сана Марин рече дека Финска би сакала да се приклучи на НАТО заедно со Шведска, но дека „не може да влијае“ на тоа како другите земји го ратификуваат нивното членство.
Финскиот претседател Саули Нинисто рече дека турското „да“ за Финска и „не“ за Шведска би претставувало тешка ситуација.
„Рацете ни се некако врзани. Аплициравме за членство. Дали сега треба да кажеме „Не, ја откажуваме апликацијата“? Не, едноставно не можеме да го направиме тоа“, рече Нинисто.