Северна Кореја истрела балистичка ракета

Илустрација

Северна Кореја денеска истрела најмалку една балистичка ракета, соопшти јужнокорејската војска, пред заедничките воени вежби на САД и Јужна Кореја кои треба да се одржат следната недела.

„Северна Кореја истрела неидентификувана балистичка ракета кон Источното Море“, соопшти Генералштабот на Јужна Кореја, користејќи го својот назив за Јапонското Море.

Јапонија исто така потврди дека Северна Кореја истрелала проектил. Јапонското Министерство за одбрана соопшти дека Пјонгјанг извршил „можно лансирање балистичка ракета“, без да соопшти дополнителни детали.

Ова доаѓа додека САД и Јужна Кореја се подготвуваат за симулациски вежби следната недела во Вашингтон и разговараат за мерките што треба да се преземат во случај Пјонгјанг да користи нуклеарно оружје.

Видете и ова: Пјонгјанг се заканува поради воените вежи на Вашингтон и Сеул

Северна Кореја вчера се закани дека ќе одговори со „невидени“ контрамерки на идните американско-јужнокорејски маневри, сметајќи ги како подготовки за вооружен конфликт.

Доколку Вашингтон и Сеул ги изведат овие вежби, „ќе бидат соочени со контрамерки“, се вели во изјавата на портпаролот на севернокорејското Министерство за надворешни работи, пренесува Бета повикувајќи се на АФП.

Јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јеол, кој ја презеде функцијата во мај 2022 година со ветување дека ќе заземе цврст став кон Пјонгјанг, го зголеми бројот на заеднички воени вежби со САД. Тие беа значително намалени за време на пандемијата на корона вирусот.