Поддршката на Западот за Украина е на врвот на агендата на Минхенската безбедносна конференција. Претеседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен денеска од Минхен порача дека сојузниците мора да ја удвојат воената поддршка за Украина.
„Мораме да ја удвоиме и мораме да продолжиме со навистина огромната поддршка што е неопходна за овие империјалистички планови на Путин целосно да пропаднат“, рече таа на конференцијата.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во вчерашното обраќање на Конференцијата повторно упати повик до Западот да овоможи брза испорака на оружје и други резерви за Украина. Зеленски порача дека на Русија не треба да и се дозволи да купува време, бидејќи наближува една година од почетокот на инвазијата.
„Треба да побрзаме. Ни треба брзина. Брзина на нашите договори, брзина на нашата испорака, брзина на одлуки за ограничување на рускиот потенцијал“, рече Зеленски, во своето видео-обраќање.
На конференцијата учествуваат околу 40 шефови на држави и влади, како и политичари и безбедносни експерти од речиси 100 земји, меѓу кои и потпретседателката на САД Камала Харис и државниот секретар Антони Блинкен. Предвидено е Харис да се обрати на конференцијата. Таа вчера во интервју за американска ТВ изјави дека мора да се зајакне позицијата на Украина.
„Ќе се погрижиме да направиме се што е во наша моќ за да ја зајакнеме позицијата на Украина на бојното поле. Така што ако и кога ќе има преговори, Украина ќе биде во најсилна позиција во преговорите“, изјави Харис во интервју за американскиот ТВ канал, MSNBC, емитувано на 17 февруари.
За прв пат по две децении, Русија не е поканета на конференцијата, бидејќи западните земји се обидуваат да ја изолираат Москва поради нејзината инвазија врз Украина.