Премиерот Ковачевски на Конференцијата за безбедност во Минхен

Димитар Ковачевски - Претседател на Влада на РСМ

Владина делегација, предводена од премиерот Димитар Ковачевски, кој е придружуван од заменик-претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ денеска ќе учествуваат на конференцијата за безбедност во Минхен, која почна вчера, а ќе трае до утре.

Премиерот за МИА изјави дека Северна Македонија има јасен став во својата надворешна политика и не постои алтернатива на меѓународната соработка во однос на безбедносните прашања.

„Тоа се гледа и од нашите приоритети каде што клучен приоритет е Украина, меѓутоа и сите други области каде што постои потреба за унапредување на мирот и безбедноста“, изјави Ковачевски, потенцирајќи дека клучни теми на конференцијата ќе бидат безбедноста во Европа во светло на војната што се води во Украина.

Ковачевски на маргините на конференцијата е предвидено да оствари средби со лидери и високи претставници на одделни држави и меѓународни организации, а денеска ќе учествува и на тркалезната маса посветена за земјите од Западен Балкан и важноста од евроинтегративниот процес во услови на геополитички превирања. Првата билатерална средба на Ковачевски на маргините на Конференцијата е со српскиот претседател Александар Вучиќ.

Видете и ова: Зеленски: Украина нема да биде последната станица на Путин

На состанокот биле споделени заложбите на Србија и Северна Македонија за промовирање на регионална безбедност и развој на демократските општества за стабилен и просперитетен регион. Ковачевски и Вучиќ потенцирале дека евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан е политички, безбедносен и економски интерес на ЕУ.

На конференцијата учествуваат околу 40 шефови на држави и влади, како и политичари и безбедносни експерти од речиси 100 земји. Војната во Украина е главна тема. Учесниците, исто така, ќе разговараат за далекусежните глобални влијанија на војната, од снабдувањето со енергија до цените на храната, а ќе се разговара и за други важни меѓународни прашања, особено за односите меѓу Западот и Кина.