Системи и дилеми

МАКЕДОНИЈА - Големата инсталирана моќност на електрани од обновливи извори на енергија во текот на минатата година, а особено на фотоволтаични електрани, сега може да предизвика штета на преносниот систем и мрежа во Македонија, порачаа денеска од Македонската енергетска асоцијација (МЕА).

БУГАРИЈА - Полицијата во Бугарија откри напуштен камион со тела на 18 мигранти, за кои се претпоставува дека се задушиле.
Министерството за внатрешни работи на земјата соопшти дека, според првичните информации, во камионот имало околу 40 мигранти, а преживеаните се префрлени во блиските болници.

ФРАНЦИЈА - Францускиот претседател Емануел Макрон денеска ги повика сојузниците да ја зголемат воената поддршка за Украина за да и помогнат на земјата да ја спроведе неопходната контраофанзива против Русија.

МАКЕДОНИЈА - Државата ќе може преку директни преговори со производителот на лекот Трикафта да ја набавува потребната терапија за пациентите кои боледуваат од цистична фиброза, соопштија попладнево од Владата.

САД - Петмина поранешни полицајци од Мемфис на 17 февруари се изјаснија за невини за убиство од втор степен и други обвиненија поврзани со насилното апсење и смртта на Тајр Николс.

МАКЕДОНИЈА - Можно е враќање на дневната евтина струја, но за тоа ќе треба да почекаме да заврши оваа грејна сезона, изјави Марко Бислимоски, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, коментирајќи ги зголемените најави дека е можно да се врати евтината дневна струја.

УКРАИНА - Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека е „очигледно“ дека Украина нема да биде последната станица на инвазијата на рускиот претседател Владимир Путин и дека е од витално значење Западот да не ја одложи испораката на оружје за да помогне во одвраќањето на руските сили.

БЕЛГИЈА - НАТО внимателно ги следи блиските врски меѓу Кина и Русија, изјави денеска генералниот секретар на организацијата Јенс Столтенберг. Тој разговараше со новинарите по пристигнувањето во Минхен за да присуствува на годишната безбедносна конференција во главниот град на Баварија.

МАКЕДОНИЈА - За справување со хакерските напади како еден од клучните современи безбедносни предизвици многу се важни превентивните мерки што се преземаат од страна на институциите за заштита на електронските податоци, а поради разорноста на последиците од ваквите напади, тоа треба да биде главен приоритет на раководителите на институциите, порача денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Поранешен работник во обезбедување во британската амбасада во Берлин е осуден на 13 години и два месеци затвор поради шпионирање за Русија. Дејвид Балантин Смит (58) призна дека им давал доверливи информации на руските власти.

СРБИЈА / КОСОВО - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на 27 февруари во Брисел ќе се сретне со премиерот на Косово, Албин Курти, соопшти Европската Унија.
„Учеството го потврдија претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Албин Курти“, се наведува во соопштението и се потврдува дека на средбата ќе се разговара за предлогот на ЕУ за нормализација на односите меѓу Косово и Србија.

ТУРЦИЈА - Уште две лица биле извлечени живи од урнатините во Турција, 11 дена по земјотресот во кој загинаа повеќе од 43 000 луѓе. Агенциите за помош ги засилуваат напорите да им помогнат на милиони луѓе кои останаа без покрив над главата.

МАКЕДОНИЈА - Фондот за здравствено осигурување ги демантира наводите дека податоците на граѓаните се украдени и уверува дека здравствените и личните податоци на граѓаните се целосно безбедни.