Полицијата во Бугарија откри напуштен камион со тела на 18 мигранти, за кои се претпоставува дека се задушиле.
Министерството за внатрешни работи на земјата соопшти дека, според првичните информации, во камионот имало околу 40 мигранти, а преживеаните се префрлени во блиските болници.
Бугарскиот министер за здравство Асен Меџидиев рече дека повеќето од преживеаните се во лоша состојба.
„Тие страдаат од недостаток на кислород, облеката им е влажна, смрзнуваат и очигледно не јаделе со денови“, рече Меџидиев.
Камионот бил пронајден напуштен на автопат во близина на главниот град Софија. Возачот не бил таму, но полицијата ги открила патниците во таен дел од камионот под товар со дрва.
Властите веднаш не ја открија националноста на мигрантите. Бугарските медиуми јавија дека станува збор за мигранти од Авганистан.
Видете и ова: Бугарската полиција уапси 141 авганистански мигранти во близина на БургасРутата на Западен Балкан низ Турција, Бугарија, Северна Македонија и Србија е главната рута за мигрантите до Европската унија, при што многумина користат сложени шверцерски мрежи.
Во октомври 2019 година, британската полиција пронајде тела на 39 луѓе во контејнер за ладење што бил пренесен во Англија.
Полицијата тогаш соопшти дека сите жртви, на возраст меѓу 15 и 44 години, биле од сиромашните села во Виетнам и се верува дека им платиле на шверцерите за да ги однесат на ризично патување за подобар живот во странство.