Со складирање на струјата ќе се регулира „бумот“ во производството од обновливи извори

илустрација

Големата инсталирана моќност на електрани од обновливи извори на енергија во текот на минатата година, а особено на фотоволтаични електрани, сега може да предизвика штета на преносниот систем и мрежа во Македонија, порачаа денеска од Македонската енергетска асоцијација (МЕА).

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска повика оние што произведуваат да ги следат процедурите, за да нема преголемо производство од она што е потребно во моментов.

„Има „бум“ во производство на електрична енергија од обновливи извори во државата и сакам да ги повикам инвеститорите да ги следат сите процедури за да не дојде да имаме многу поголемо производство од потребите што ги има државата. Согласно Стратегијата за развој на енергетика, лимитирано е колкаво може да биде производството на електрична енергија од обновливи извори, посебно од фотонапонски, ветерници, биомаса итн“, изјави Бектеши.

Видете и ова: Бислимоски: Можно е враќање на дневната евтина струја, но прво да заврши грејната сезона

Од МЕА побараа да биде законски регулирана струјата што се произведува од многуте фотонапонски централи коишто се градат и допрва ќе се градат, со складирање на електричната енергија во таканаречени „сториџи“.

„Енергетската транзиција ако не се направи како што треба, ќе настане поголема штета отколку корист. За да не направиме проблем - бидејќи сите фотоволтаици произведуваат 80 отсто во исто време, не смееме во тој период да има големи вишоци со илјадници мегавати, бидејќи нема да се знае што да се прави со таква енергија“, изјави Кочо Анѓушев, претседател на МЕА.

Од Министерството за економија информираат дека наскоро ќе биде формирана работна група што ќе подготви законски регулативи за да се овозможи вишокот струја да се складира во т.н. „сториџи“.