Можно е враќање на дневната евтина струја, но за тоа ќе треба да почекаме да заврши оваа грејна сезона, изјави Марко Бислимоски, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, коментирајќи ги зголемените најави дека е можно да се врати евтината дневна струја.
„Прво да видиме како ќе заврши оваа грејна сезона, да го видиме производството на ЕСМ, да видиме како оди набавката на електричната енергија, па понатаму ќе размислуваме за сите можни опции кои ги имаме“, рече Бислимоски.
Видете и ова: Мало покачување на струјата за граѓаните, големо намалување за малите компанииСпоред него, во периодот од октомври минатата година до јануари годинава домашното производство на електрична енергија е на завидно ниво.
„За јануари 87 отсто од потребите за електрична енергија во државата се обезбедени од домашни капацитети, додека само 13 отсто е увезена за сите потрошувачи, не само за домаќинствата и малите потрошувачи, што е добар резултат. Позитивните трендови продолжуваат, намалени се загубите, а ЕСМ може да има дополнителни приходи од продажбата на вишоците. Така што имаме добар материјал за почеток на дискусија за враќање на евтината дневна струја“, изјави Бислимоски.
Во моментот граѓаните користат само ноќна евтина струја од 22 до 06 часот наутро, како и во недела цел ден. Дневната евтина тарифа беше укината од декември 2021 година, кога струјата поскапе за 9,48 отсто. Тогаш од РКЕ соопштија дека ако не се донесела одлука за укинување на дневната евтина тарифа, поскапувањето на струјата ќе беше 14,23 отсто.