Спасовски: Заштита од хакерски напади треба да е приоритет за секоја институција

илустрација

За справување со хакерските напади како еден од клучните современи безбедносни предизвици многу се важни превентивните мерки што се преземаат од страна на институциите за заштита на електронските податоци, а поради разорноста на последиците од ваквите напади, тоа треба да биде главен приоритет на раководителите на институциите, порача денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

„Да се преземаат мерки во однос на хакерските напади. Сите тие хакерски напади се пријавени и се врши истрага во овој дел. Меѓутоа многу е важно сите институции да преземаме предвремени мерки за заштита на електронските податоци и на електронските системи затоа што најевтино е токму вложувањето во превенцијата. Се друго е многу потешко понатаму кога ќе ни се случуваат. Покрај миграцијата, еден од клучните предизвици ќе биде и тероризмот, а хакерските напади се токму дел од тие терористички напади кои што се прават“, одговори министерот Спасовски на новинарско прашање.

Видете и ова: Неизвесност и многу нервози по сајбер нападот на Фондот за здравство

Во однос на тоа дали се направени анализи за безбедноста на електронските податоци на институциите и колку се тие безбедни, тој истакна дека треба да се има предвид дека системите за електронска заштита треба постојано да се осовременуваат, бидејќи најбрзо се менуваат.

„Ако имате денеска најнов систем на заштита тоа не значи дека тој систем ќе биде релевантен после шест месеци или после година дена. Во таа смисла треба да се обновуваат тие системи кај сите институции и да се преземаат низа на активности кои што тоа ќе го прават во континуитет на дневна основа. Колку ние направивме како Министерство за внатрешни работи за заштита на електронските податоци за државата не само за МВР, говори фактот на изградба на ИКТ Центарот во Прилеп кој што е со таа намена да ги заштити електронските податоци, да има бекап на тие електронски податоци не само за МВР туку и за други институции и веќе склучуваме договори со нив за тие да бидат обезбедени“, вели првиот полицаец.

Веќе десет дена има проблем со функционирање на електронскиот систем на Фондот за здравствено осигурување, поради хакерски напад, а токму затоа здравствените работници немаат плата, а граѓаните се жалат за задоцнети исплати на боледувања, породилно отсуство, рефундации.

Цел на хакерски напади изминатиот период беа и неколку министертва и државни институции.