Фондот за здравствено осигурување ги демантира наводите дека податоците на граѓаните се украдени и уверува дека здравствените и личните податоци на граѓаните се целосно безбедни.
„Како што ја информиравме јавноста уште од почетокот, при сајбер нападот немаше излевање на податоци надвор од базите на Фондот. Тоа го потврди анализата на експертските технички тимови. Оттука, децидни сме дека, податоците на корисниците на здравствени услуги вклучително и личните податоци се безбедни и заштитени и нема неовластено преземање на личните податоци“, потенцираат од Фондот.
Од Фондот потсетуваат дека со помош на тим од локални и странски експерти се работи на рестартирање на системот со цел негово враќање во првобитната форма. Ги демантираат и наводите дека соработниците на Фондот не работеле согласно процедурите со кои се обезбедуваат податоците на Фондот.
„Сите наши соработници и сите вклучени во изнаоѓањето на солуции за предизвиците кои произлегоа од сајбер нападот, имаат долгогодишно искуство и се реномирани чинители во своите дејности и сметаме дека е неумесно да се доведува во прашање нивното знаење и експертиза и да се руши нивниот углед“, велат од ФЗО.
Видете и ова: Експертски тимови од странство му помагаат на ФЗО по хакерскиот нападОд Фондот посочуваат дека постепено се враќаат функциите на системот, а по добивањето на податоците од ЈЗУ, како што велат, веќе од наредната недела се очекува и исплата на платите на здравствените работници.
Веќе десет дена има проблем со функционирање на електронскиот систем на Фондот, поради што здравствените работници немаат плата, а граѓаните се жалат за задоцнети исплати на боледувања, породилно отсуство, рефундации.