Од Ванчо Михајлов до менструални болки

ШПАНИЈА - Шпанскиот парламент денеска го одобри законот со кој се доделува платено медицинско отсуство на жени кои страдаат од тешки менструални болки, со што стана првата европска земја која на овој начин го унапреди своето законодавство. Законот, кој беше усвоен со 185 гласа „за“ и 154 „против“, има за цел да го разбие табуто на оваа тема, соопшти шпанската левичарска влада.

МОЛДАВИЈА - Новата прозападна влада предводена од премиерот Дорин Ресин положи заклетва во Молдавија, откако ја доби поддршката од 62 пратеници од владејачката Партија за акција и солидарност (ПАС) во 101-члениот парламент.

МАКЕДОНИЈА - Инвеститорите ја немаат запишано еврообврзницата и не можеле со неа да тргуваат на секундарниот пазар, вели министерот за финансии Фатмир Бесими откако таа беше повлечена откако немаше кој да стави потпис за неа, бидејќи министерот за правда е во оставка. Бесими додава и дека агентите и инвеститорите биле навремено известени за оваа административна пречка.

бих - Домот на народите, едно од двете тела на парламентот на Босна и Херцеговина, беше конститиуран денеска, со претседател кој е на црната листа на САД. Никола Шпириќ, етнички Србин, беше санкциониран од Вашингтон во септември 2018 година, поради вмешаност во значителна корупција. Негови заменици ќе бидат Кемал Адемовиќ, бошњачкиот претставник и Драган Човиќ, хрватскиот претставник.

САД - Бројот на руски кибернапади во земјите на НАТО се зголемил за 300 отсто во 2022 година споредено со 2020 година, а во Украина за 250 проценти, се наведува во новиот извештај на Гугл (Google). Во него стои дека зачестеноста на нападите, што се совпадна со инвазијата на Москва на прозападна Украина на 24 февруари 2022 година, е знак дека сајбер војната ќе стане сè поприсутна во идните конфликти.

МАКЕДОНИЈА - Денеска истекува крајниот рок за здруженијата да ги усогласат имињата и дејноста со Законот за здруженија и фондации за да не бидат избришани од Регистарот, информираа од Централен регистар.

НОРВЕШКА - Норвешките партии денеска го одобрија пакетот помош за Украина во вредност од 7,4 милијарди американски долари, кој ќе биде испорачан во период од пет години. Сите партии во норвешкиот парламент, го поддржаа планот предложен од централно левичарската влада, освен партијата Родт, мала група екстремно левичарски пратеници. Планот предвидува цивилна и воена помош, меѓу 2023 и 2027 година.

АВГАНИСТАН - Кина и Иран го повикаа својот заеднички сосед Авганистан да ги прекине ограничувањата за работата и образованието на жените.

МАКЕДОНИЈА - Експертски тимови од Германија и други земји работат на надминување на проблемите во Фондот за здравствено осигурување по хакерскиот напад, информираше премиерот Димитар Ковачевски. Тој истакна дека со Министерството за финансии се бара начин за исплата на плати на вработените во здравствениот сектор и побара трпеливост од граѓаните.

ТУРЦИЈА - Шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска и порача на Турција дека е време конечно да се ратификуваат кандидатурите на Шведска и Финска да се приклучат на западната одбранбена алијанса. Столтенберг пристигна во Анкара десет дена по силните земјотреси кои однесоа над 40.000 животи низ југоисточниот дел на Турција и делови од Сирија.

БЕЛОРУСИЈА - Авторитарниот владетел во Белорусија, Александар Лукашенко, денеска изјави дека ќе и нареди на армијата да се бори заедно со својот сојузник Русија само доколку бидат нападнати од друга земја, пренесува државната новинска агенција Белта.