Шефот на НАТО бара Турција да го ратификува членството на Шведска и Финска

Шефот на НАТО, Јенс Столтенберг

Шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска и порача на Турција дека е време конечно да се ратификуваат кандидатурите на Шведска и Финска да се приклучат на западната одбранбена алијанса.

Столтенберг пристигна во Анкара десет дена по силните земјотреси кои однесоа над 40.000 животи низ југоисточниот дел на Турција и делови од Сирија.

„Во вашето време на потреба, НАТО стои со Турција“, рече Столтенберг.

Но, тој, исто така, ја истакна итноста Анкара да се откаже од својот отпор кон обидите на нордиските соседи да се приклучат на западната одбранбена алијанса.

Видете и ова: Бербок - Финска и Шведска треба заедно да влезат во НАТО

„Продолжувам да верувам дека сега е време да се ратификуваат кандидатурите и на Финска и Шведска“, рече Столтенберг по разговорот со турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.

Финска и Шведска одлучија да се приклучат на одбранбената алијанса предводена од САД како одговор на руската инвазија на Украина.

Турција и Унгарија остануваат единствените членки на 30-члената алијанса кои не успеаја да ги ратификуваат двете кандидатури.

Видете и ова: Путин, сигурен на власт, поставува сцена за долга и исцрпувачка војна

За влез во НАТО е потребно сите 30 држави да одобрат членство на нова земја. Унгарскиот законодавен дом се очекува тоа да го стори до март.

Турција сигнализираше дека е подготвена да ја прими Финска во алијансата, но не и Шведска.

Анкара изминатиот период постави повеќе услови за влез на Шведска и Финска во Алијансата, меѓу кои екстрадиција на поддржувачи на Курдската работничка партија и на организацијата ФЕТО, кои ги смета за терористички организации.