Руски напади со ракети и дронови врз Украина

Илустративна фотографија

Руската војска извршила напади со ракети и беспилотни летала низ Украина во текот на ноќта, активирајќи ги системите за воздушна одбрана на земјата, објавија утрово украинските власти.

Шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак, на Телеграм соопшти дека се погодени места на север и западот на Украина, како и централните региони Дњепропетровск и Кировоград.

Јермак рече дека украинската воздушна одбрана погодила неодреден број проектили и беспилотни летала.

Видете и ова: Извештаи: Русија ставила илјадници украински деца во кампови за превоспитување

Засега нема информации дали има жртви во нападите.

Во западна Украина, шефот на регионалната воена администрација на Лавов, Максим Козицки, рече дека рускиот напад погодил „објект на критичната инфраструктура“.

Овие напади доаѓаат во период на интензивирање на борбите во источниот дел на земјата.

Руската артилерија, дронови и проектили со месеци ги гаѓаат областите под контрола на Украина на истокот од земјата, неселективно погодувајќи цивилни цели и предизвикувајќи уништување.

Видете и ова: Путин, сигурен на власт, поставува сцена за долга и исцрпувачка војна

Генералштабот на украинските вооружени сили извести дека украинските сили ги одбиле руските напади врз 15 населени места на истокот.

Регионите на Доњецк и Луганск, кои заедно го сочинуваат индустрискиот регион Донбас што се граничи со Русија, се погодени од руско бомбардирање бидејќи Москва, наводно, преместува нови војници во областа.

Руската воена инвазија врз Украина трае скоро една година.