Пари, непријатели, „идиоти“...

РУСИЈА - Кремљ нема да покани новинари од земјите што ги смета за „непријателски“ на обраќањето на рускиот претседател Владимир Путин пред Федералното собрание следната недела. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека на настанот на 21 февруари ќе бидат акредитирани само медиумите што ги претставуваат „пријателските“ земји.

СРБИЈА - Државата нема да дозволи насилство и ќе реагира многу брзо и ефикасно, порача српскиот претседател Александар Вучиќ во обраќањето на ТВ Пинк, откако полицијата ги спречи десничарските активисти собрани пред Претседателството на Србија да влезат во зградата.

УКРАИНА - Шест руски балони се забележани над Киев, а повеќето од нив се соборени од украинската воздушна одбрана, соопштија денеска украинските власти, пренесува рускиот сервис на РСЕ.

САД - Соединетите Држави се „длабоко загрижени“ заз извештаите за руски обиди за дестабилизација на Молдавија, вели помошникот државен секретар, Карен Донфрид во интервју за РСЕ.

МАКЕДОНИЈА - Поранешниот директор на Царина, Драган Даравелски, кој минатиот месец беше уапсен на граничниот премин Табановце при обид за влез во државава, откако по промената на власт во 2002 година пребегна во Србија, е пуштен на слобода. Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје вчера соопшти дека е дозволено повторување на кривичната постапка против Драган Даравелски кој беше осуден на седум години затворска казна за кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување.

ШКОТСКА - Премиерката на Шкотска, Никола Старџен, по осум години на функција, денеска објави дека поднесува оставка, по критиките за нејзиниот обид да ги зголеми правата на трансродовите лица и нејзината стратегија за постигнување независност од Обединетото Кралство.

МАКЕДОНИЈА - Целосната постапка за издавање на еврообврзницата од 600 милиони евра за отплата на стари долгови ќе биде извршена по изборот на нов министер за правда, соопштија денеска од Министерството за финансии. Оттаму велат дека законски, за издавање на еврообврзницата, потребно е мислење на министерот за правда, кој е меѓу министрите кои поднесоа оставки до Собранието.

ЕУ - Европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји се извини на Европскиот парламент (ЕП) за коментарите што ги кажа, навредувајќи ги европските претставници. На дебатата за проширувањето што се одржа на 14 февруари во ЕП, додека неговиот микрофон се уште беше вклучен, Вархеји на својот мајчин унгарски јазик му се обрати на својот шеф на кабинет со прашањето: „ уште колку идиоти има“, што се однесуваше на бројот на претставници кои се пријавиле да му поставуваат прашања.

КОСОВО - Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека и покрај тоа што го разгледува предлогот на ЕУ за нормализирање на односите со Србија како добра основа за понатамошни разговори, конечниот договор треба да содржи меѓусебно признавање.

МАКЕДОНИЈА - Претседателот и вработените во неговиот кабинет во наредниве денови ќе добијат плата, во согласност со Колективниот договор и утврденото покачување од 5 проценти за административните службеници во Кабинетот за месец јануари.
Како што соопштија од кабинетот на Пендаровски, ,најдено е решение со Министерството за финансии, а административците во неговиот кабинет ќе добијат плата со покачување обезбедена од сопствени заштеди.

УКРАИНА - Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска го објави десеттиот пакет санкции против Русија поради инвазијата на Украина во вредност од 11 милијарди евра. „Речиси една година руската агресивна војна сее смрт и уништување. Сторителот мора да плати за ова“, рече фон дер Лајен во видео изјава.