Целосната постапка за издавање на еврообврзницата од 600 милиони евра за отплата на стари долгови ќе биде извршена по изборот на нов министер за правда, соопштија денеска од Министерството за финансии.
Оттаму велат дека законски, за издавање на еврообврзницата, потребно е мислење на министерот за правда, кој е меѓу министрите кои поднесоа оставки до Собранието.
„Целосната постапка за издавање на еврообврзницата ќе биде извршена по спроведување на административните процедури, кои подразбираат и мислење од новиот министер за правда. Веднаш по изборот на новиот министер за правда ќе се одржи нова аукција. За ова банките-агенти што посредуваа при издавањето на еврообврзницата ќе ги информираат инвеститорите, кои при минатата аукција имаа 2,5 пати поголем интерес во однос на понудената сума, како резултат на довербата во добрите економски политики“, велат од Министерството за финансии.
Видете и ова: Со повисоки камати се враќаат старите долговиДеветтата еврообврзница во вредност од 600 милиони евра, требаше да се искористи исклучиво за финансирање на обврските по основ на стари долгови, кои годинава доспеваат за отплата.
Владата годинава планира да се задолжи за околу 700 милиони евра, колку што отприлика изнесува и буџетската дупка. Првата еврообврзница беше издадена во 2005 година. Најскапа беше таа од 2009 година за време на економската криза со камата од скоро 10 отсто, а најевтина ланската од 700 милиони евра со камата од 1,6 отсто.