ЕУ воведува нови санкции против Русија и Иран

УКРАИНА – Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на прес-конференција по самитот Украина-ЕУ - Киев, 3 февруари 2023 година

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска го објави десеттиот пакет санкции против Русија поради инвазијата на Украина во вредност од 11 милијарди евра.

„Речиси една година руската агресивна војна сее смрт и уништување. Сторителот мора да плати за ова“, рече фон дер Лајен во видео изјава.

Таа рече и дека Иран ќе биде цел на санкции, бидејќи е поврзан со набавка на беспилотни летала што се користат во руските напади врз Украина. Санкции се воведуваат и против седум ирански организации.

„Русија продолжува да го покажува своето нечовечко лице со брутален ракетен терор против цивилни цели, предлагаме десетти пакет санкции против оние кои се алатки за продолжување на оваа брутална војна“, рече високиот претставник на Европската унија за заедничка надворешна политика и обезбедување, Жозеп Борел.

Видете и ова: Путин, сигурен на власт, поставува сцена за долга и исцрпувачка војна


Како што најави Борел, санкциите ќе опфатат мерки против банкарскиот сектор, напредните технологии, како и санкционирање на речиси 100 дополнителни поединци и субјекти поради нивната улога во поткопувањето на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.

„Ова ги вклучува оние кои се одговорни за воени активности, за политички одлуки, пропаганда и дезинформации“, рече Борел.

Тој додаде дека санкциите се против оние кои се вклучени во нехумани киднапирања, депортации и принудно посвојување на украински деца во Русија, како и оние кои го олеснуваат грабежот на украинските ресурси. Борел изјави дека санкциите вклучуваат целосна забрана за извоз на ирански субјекти кои се занимаваат со производство и набавка на беспилотни летала.

„Вчера на состанокот на министрите на НАТО добивме јасни докази дека тоа се случува“, рече Борел.

Санкциите се однесуваат и на овластените органи и таканаречените судии во четирите незаконски анектирани украински региони Луганск, Доњецк, Херсон и Запорожје, кои, како што изјави Борел, им даваат лажен легитимитет на руските владетели и нивните незаконски одлуки.

„Ќе продолжиме да го зголемуваме притисокот врз Русија и тоа ќе го правиме се додека е потребно, додека Украина не се ослободи од бруталната руска агресија“, рече Борел.