Огнени, вируси и тајни возови

ЕУ - Европскиот комесар за проширување и добрососедски односи Оливер Вархеји, денеска пред Европскиот парламент изјави дека очекува да се намалат тензиите меѓу Софија и Скопје кои кулминираа на 4 февруари, на одбележувањето на 151-годишнината од раѓањето на револуционерот Гоце Делчев, а сите одговорни за инцидентите што се случија да се соочат со правдата.

РОМАНИЈА - Земјотресот со магнитуда од 5,7, кој денеска ја погоди Романија, а го почувствуваа жителите на Источна Европа, причини мала штета во епицентралното подрачје, пренесе новинската агенција Франс прес.

СИРИЈА - Обединетите нации упатија апел за 397 милиони долари за помош на жртвите од земјотресот во Сирија, каде се загинати илјадници луѓе, а на милиони други им треба итна помош.

ГЕРМАНИЈА - Партнерите во НАТО треба брзо да го спроведат договорот за прием на Шведска и Финска заедно во Алијансата, изјави денеска германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок.

МАКЕДОНИЈА - Потпретседателот и пратеник на Демократската унија за интеграција, Изет Меџити е скептичен околу обезбедувањето на потребните гласови за гласање на реконструкцијата на Владата. Тој рече дека додека Владата обезбедува осум пратеници од Алијансата за Албанците, од парламентарното мнозинство излегуваат повеќе од осум пратеници.

СРБИЈА - Србија одлучно ја отфрла секоја инсинуација за потенцијална вмешаност на нејзини граѓани во можни насилни случувања во Молдавија, рекол денеска шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ во телефонски разговор со неговиот молдавски колега Нику Попеску.

ЕКВАТОРИЈАЛНА ГВИНЕЈА - Светска здравствена организација (СЗО) денеска ќе одржи итна седница поради појавата на вирусот Марбург во Екваторијална Гвинеја од што починаа девет луѓе, а пријавени се 16 сомнителни случаи. Вирусот Марбург е многу заразна и смртоносна болест слична на ебола, со симптоми на треска, замор, како и повраќање и крвава дијареја.

МАКЕДОНИЈА - Основниот кривичен суд Скопје дозволи повторување на судската постапка за приведениот поранешен прв цариник Драган Даравелски. Даравелски беше осуден со правосилна пресуда во мај 2007 година на 7 години затвор за злоупотреба на службената положба и овластувања. Пресудата беше потврдена и од Апелациониот суд Скопје во март 2008 година, по што стана правосилна, но Даравелски не заврши во затвор зашто беше во бегство.

ЕУ - Европскиот парламент денеска официјално го одобри законот за ефикасна забрана на продажбата на нови бензински и дизел автомобили во Европската унија од 2035 година, со цел да се забрза преминот кон електрични возила и против климатските промени.

КИНА / ИРАН - Претседателот на Иран, Ебрахим Раиси денеска ја почна тридневната официјална посета на Кина. Предвидено е Раиси да се сретне со кинескиот претседател Си Џинпинг и да разговара со кинески бизнисмени и негови сонародници кои живеат во Кина. Кина во 2021 година склучи 25-годишен стратешки договор со Иран.

ТУРЦИЈА - Бројот на загинати во силните земјотреси што ја погодија Турција минатата недела се искачи на 31.974, соопшти денеска Управата за управување со катастрофи и вонредни состојби на земјата (АФАД). Се наведува дека речиси 195.962 жртви се евакуирани од зоната на земјотресот во јужна Турција.

САД - На Украина итно и треба повеќе воена помош и западната поддршка нема да попушти, ветија денеска САД и НАТО, пред новата руска офанзива. Шефовите на западната одбрана се состанаа во Брисел за да разговараат за новите одредби за оружје за Киев, кој се залага за поголема огнена моќ, и за одржување на постојните резерви, вклучително и гранати чие производство тешко може да држи чекор со војната.

СРБИЈА - Во Националниот диспечерски центар на Електричната мрежа на Србија денеска беше потпишан договорот за пакетот енергетска поддршка на Европската унија за Србија, вреден 165 милиони евра. Во присуство на претседателот на Србија, Александар Вучиќ и шефот на Делегацијата на ЕУ во Србија, Емануел Жофре, договорот го потпишаа министерката за евроинтеграции Тања Мишчевиќ и заменик-шефот на Делегацијата на ЕУ во Србија, Пламена Халачева.

РУСИЈА - Истражувачки извештаи велат дека рускиот претседател Владимир Путин користел претежно специјално изграден оклопен воз за патување во последниве месеци и оти била изградена тајна железничка мрежа до местата каде што живее. Истражниот медиум „Онлајн Проект“ денеска објави дека железнички пруги и тајни станици биле изградени последните години во близина на резиденциите на Путин.