Партнерите во НАТО треба брзо да го спроведат договорот за прием на Шведска и Финска заедно во Алијансата, изјави денеска германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок.
Бербок истакна дека Шведска презела видливи чекори за да ја смири загриженоста на Турција за нејзиното присоединување.
„Беше правилно и важно што (Шведска) одговори на загриженоста на Турција, дојде до Анкара и презеде опипливи чекори за решавање на тие грижи. Сега останува на сите земји од НАТО да дејствуваат на таков начин што Шведска и Финска можат да се здружат“, изјави таа при посетата на Стокхолм.
Видете и ова: Ердоган: Турција позитивно гледа само на кандидатурата на Финска за НАТОСпоред неа, тоа не е само во интерес на двете земји, туку и во интерес на НАТО.
Шведскиот министер за надворешни работи Тобијас Билстром рече дека неговата земја сè уште се надева да се приклучи на НАТО што е можно поскоро, без разлика дали нејзината кандидатура и напредокот на Финска се со исто темпо.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска во Брисел изјави дека „напорно работи“ за „што е можно побрзо“ да ги добие конечните ратификации од Турција и Унгарија за пристапувањето на Шведска и Финска во Алијансата, но не ја отфрли можноста за одвоен прием на тие земји.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на почетокот на овој месец рече дека Турција гледа позитивно на апликацијата на Финска за членство во НАТО, но не ја поддржува кандидатурата на Шведска.
Анкара постави услови за одобрување на Шведска и Финска во Алијансата, меѓу кои екстрадиција на поддржувачи на Курдската работничка партија и на организацијата ФЕТО, кои ги смета за терористички организации.