Истражувачки извештаи: Путин користи специјален воз и тајна железничка мрежа

Владимир Путин

Истражувачки извештаи велат дека рускиот претседател Владимир Путин користел претежно специјално изграден оклопен воз за патување во последниве месеци и оти била изградена тајна железничка мрежа до местата каде што живее. Истражниот медиум „Онлајн Проект“ денеска објави дека железнички пруги и тајни станици биле изградени последните години во близина на резиденциите на Путин. Една таква тајна железничка станица и неколку железнички линии биле инсталирани на територијата на националниот парк Валдаи во северозападниот регион Новгород во земјата, во близина на претседателската резиденција таму. Проект вели дека станицата, откриена од нејзините дописници есента минатата година, има хелиодром и дека е силно чувана. Според медиумот, тајната железничка станица и линиите биле изградени во 2019 година.

Видете и ова: Пандора документи: тајното богатство на светските лидери

Во извештајот, кој вклучува сателитски фотографии, се вели дека уште една железничка станица била изградена во 2015 година во Ново-Огариово во близина на Москва, на околу 400 метри од резиденцијата на Путин. Друга специјална железничка платформа и железничка линија одвоена од другите железнички пруги со висока ограда е изградена во близина на резиденцијата на Путин Бочаров Ручеи во црноморското одморалиште Сочи во 2017 година, се вели во истражниот извештај. На 13 февруари, друга истражна група, Досие го објави својот извештај во кој се вели дека Путин претпочита да патува со воз кој бил специјално направен за него во 2015 година. Возот е оклопен, се вели во истражниот извештај, додавајќи дека Путин почнал да го користи во втората половина на 2021 година додека руските сили се подготвувале да ја нападнат Украина. Според Досие, Путин почнал да користи возови наместо авиони за да избегне можно следење на неговите летови, додека е многу потешко да се следат движењата на возовите.