Столтенберг: поважно е Шведска и Финска да му се приклучат на НАТО наскоро, отколку заедно

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска изјави дека е поважно барањата на Финска и Шведска за пристапување во Алијансата да бидат брзо ратификувани отколку тоа да биде заедно.

Двете земји аплицираа за влез во НАТО по руската инвазија на Украина во февруари минатата година и нивните кандидатури за членство беа ратификувани од сите сојузници освен Унгарија и Турција.

Турција е главната пречка, а турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган посочи дека неговата земја би можела да ја ратификува апликацијата на Финска, но не и апликацијата на Шведска.

Видете и ова: Финска и Шведска остануваат посветени на приклучување кон НАТО

Западни официјални лица рекоа дека би сакале двете земји да се приклучат на НАТО заедно, делумно затоа што би било полесно да се интегрираат во исто време во воените структури на НАТО.

Но, Столтенберг, говорејќи пред состанокот на министрите за одбрана на НАТО во седиштето на Алијансата во Брисел, сугерираше дека тоа е второстепено размислување.

„Главното прашање не е дали Финска и Шведска се ратификувани заедно. Главното прашање е двете да бидат ратификувани како полноправни членки што е можно поскоро“, рече Столтенберг, наведувајќи дека Шведска и Финска веќе се приближиле до НАТО во последните месеци.

Видете и ова: Ердоган: Турција позитивно гледа само на кандидатурата на Финска за НАТО

Тој, исто така, истакна дека сите членки на НАТО ги одобриле поканите на двете земји за пристапување во алијансата. Анкара бара двете земји да заземат построг став против Курдистанската работничка партија (ПКК), која Турција и Европската унија ја сметаат за терористичка група. Финските парламентарни групи во петокот рекоа дека можеби ќе ги ратификуваат основачките договори на НАТО во наредните недели, чекор што може да доведе до пристапување кон членство на Хелсинки пред Стокхолм.