Во тек е нова руска офанзива во Украина, соопшти НАТО

Бахмут

Украинскиот град Бахмут се соочува со силен артилериски оган додека шефот на НАТО ги поддржа извештаите на официјалните лица во областа дека Русија започнала голема нова офанзива, неколку дена пред првата годишнина од нејзината инвазија. Украинските бранители во источниот град, кои се држат со месеци, одбивале нови копнени напади под силно гранатирање, соопштија украинските воени претставници. Украинските сили одбиле руски напади во едно населено место во регионот Харкив, околу пет населби во регионот Луганск и шест во регионот на Доњецк, вклучително и во Бахмут, во изминатите 24 часа, соопшти украинската војска денеска.

Видете и ова: Можното снабдување со борбени авиони за Украина тема на состанокот на НАТО

Бахмут е главна цел за рускиот претседател Владимир Путин, а неговото заземање ќе и даде на Русија нова основа во регионот Доњецк и ретка победа по неколкумесечни неуспеси. Регионите Доњецк и Луганск го сочинуваат Донбас, индустриското срце на Украина, сега делумно окупирано од Русија, која сака целосна контрола. „Гледаме како тие испраќаат повеќе војници, повеќе оружје, повеќе способности“, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг вчера во Брисел, велејќи дека тоа е почеток на нова офанзива.