Мафии, политики, шпиони...
ТУРЦИЈА - Турскиот град Нурдаг кој беше тешко погоден од земјотресите што ја зафатија земјата, ќе биде целосно урнат и потоа обновен. Овој град, кој имаше околу 40 илјади жители ќе биде од темел обновен изјави денеска гувернерот на округот Шарнак, Осман Билгин.
САД / КИНА - Соединетите Американски Држави ги демантираат тврдењата на Кина американските балони на висока надморска височина летале над нејзиниот воздушен простор без дозвола повеќе од 10 пати од почетокот на 2022 година.
МАКЕДОНИЈА - По неколку часовна дискусија и политички обвинувања, потпретседателот на Собранието Горан Мисовски ја прекина денешната 104 седница на која се дискутираше за предлогот за реконструкција на владиниот кабинет. Тој најави дека оваа седница ќе продолжи утре на пладне. Дневниот ред на седницата е усвоен со 64 гласа „за“, од 115 присутни пратеници. Против и воздржани немаше. Вкупно 44 пратенци се јавија за збор. Според Деловникот нема ограничување колку дена може да трае дискусијата на темата реконструкција на владин кабинет.
АРГЕНТИНА - Аргентинските власти ги обвинија организираните „мафии“ за промовирање породилен туризам во јужноамериканската земја за идните мајки од Русија. Овие изјави доаѓаат во време кога бројот на бремени Русинки кои пристигнале во Аргентина изминатава година додека трае руската инвазија врз Украина е во пораст.
МОЛДАВИЈА - Претседателката на Молдавија Маја Санду повика на „максимална претпазливост“ откако доби документи од украинските разузнавачки служби дека Русија планира да ја дестабилизира Молдавија. Русија планирала да ја дестабилизира Молдавија користејќи агенти провокатори кои би требало да ги напаѓаат владините згради под изговор на јавни протести, изјави Санду, пренесува молдавскиот сервис на Радио Слободна Европа.
БЕЛГИЈА - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на 13 февруари изјави дека очекува прашањето за воените авиони да биде разгледано на претстојниот дводневен состанок на министрите за одбрана на НАТО, кој започнува на 14 февруари.
МАКЕДОНИЈА - Основниот кривичен суд Скопје денеска соопшти дека во целост го прифати обвинението против докторот Жан Митрев и против истоимената клиника. Првото судско рочиште за овој предмет е закажано за на 28 февруари годинава.
ЕУ - Европската комисија ја подобри својата прогноза за економски раст за оваа година, наведувајќи дека Европа за влакно ќе избегне рецесија и веќе го поминала врвот на инфлацијата, бидејќи цените на природниот гас паѓаат. Но, Европската комисија денеска предупреди дека високите цени што ги мачат потрошувачите ќе ја забават економијата во наредните месеци.
ТУРЦИЈА / СИРИЈА - Спасувачката фаза од земјотресот во Турција и Сирија „се приближува“, а итноста сега се префрла на обезбедување засолниште, храна, школување и психосоцијална грижа, изјави денеска шефот за помош на Обединетите нации Мартин Грифитс за време на посетата на Алепо во северна Сирија.
КИНА - Кина денеска соопшти дека американски балони на висока надморска височина го прелетале нејзиниот воздушен простор без дозвола повеќе од 10 пати од почетокот на јануари 2022 година. Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Ванг Венбин, одговарајќи на прашање на редовниот брифинг за медиумите во Пекинг, не даде повеќе детали. На прашањето како Кина реагирала на летовите, Ванг рече дека одговорот на Кина на таквите инциденти е одговорен и професионален.
МАКЕДОНИЈА - Министерството за внатрешни работи во денешното соопштение ги предупредува граѓаните да внимаваат, бидејќи лажни електронски пораки се испраќаат во име на МВР и дека станува збор за обид за измама во меѓународни рамки.
РУСИЈА - Руската служба за надворешни шпионажа (СВР) денеска соопшти дека добила разузнавачки информации оти американската војска подготвувала исламистички милитанти да напаѓаат цели во Русија и поранешниот Советски Сојуз. СВР, сега под водство на Сергеј Ниришкин, е дел од некогашната КГБ.