Седницата за реконструкција на Владата продолжува утре

Macedonian parliament

По неколку часовна дискусија и политички обвинувања, потпретседателот на Собранието Горан Мисовски ја прекина денешната 104 седница на која се дискутираше за предлогот за реконструкција на владиниот кабинет. Тој најави дека оваа седница ќе продолжи утре на пладне. Дневниот ред на седницата е усвоен со 64 гласа „за“, од 115 присутни пратеници. Против и воздржани немаше. Вкупно 44 пратенци се јавија за збор. Според Деловникот нема ограничување колку дена може да трае дискусијата на темата реконструкција на владин кабинет.

Премиерот Димитар Ковачевски ја користи деловничката можност да се обрати пред пратениците, потенцирајќи ја потребата за стабилност и за врвните интереси на државата.

Видете и ова: Ковачевски- Реконструкцијата на Владата не е мотивирана од партиски интереси


„Потребно ни е стабилно мнозинство кое ќе овозможи брз развој и напредок, кое ќе овозможи да одблокираме важни закони за граѓаните без да мора да чекаме опозицијата да одлучи дали граѓаните и нивната иднина се поважни од нивните дневнополитички интереси. Денес зборуваме за обединување по европското прашање каде што ВМРО-ДПМНЕ вечно останува изолирана и против државните интереси“, изјави тој од говорницата.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бараа наместо реконструкција на владин кабинет пратениците да изгласаат итни избори. Тие го обвинија лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари за политичка корупција.

Видете и ова: Николоски-Дали влезот на Таравари во Влада е уценет со куќа во Тафталиџе?

Потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ Александар Николовски ја повика државната комисија за спречување корупција да испита како Таравари купил куќа во скопската населба Тафталиџе за 500 евра квадрат. Според него, ова е цената за новата коалиција СДСМ-Алијанса за Албанците.

„Овој Арбен Таравари кој го гледам изминатиов период не го познавам. Па затоа јавно прашувам, дали се работи за уцена и од кој вид е уцената? Дали природата на уцената е една убава куќа во еден елитен дел на Скопје во Тафталиџе, која што Арбен Таравари ја доби на поклон?“, изјави од говорница потпреседателот на ВМРО-ДПМНЕ Николоски.

Претпладнево на седница на Собранието беа констатирани оставките на сега веќе поранешните министрите за правда Никола Тупанчевски и за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, а во рамки на 104. седница останува да бидат разрешени тројцата министри од Алтернатива – за здравство Беким Сали, за информатичко општество и администрација Адмирим Алити и Џемаил Чупи, министер без ресор задолжен за дијаспора, кои најавија дека нема да присуствуваат на седницата.

Видете и ова: Зголемување на парламентарното мнозинство – две напред едно назад

Реконструкцијата на владиниот кабинет е за четворица министри и пет заменици министри, а следуваше по преговорите за приклучување на Алијансата за Албанците (АА) во владиното мнозинство.

За влезот во влада Алијанса за Албанците добива три министерства: Министерството за здравство, Министерството правда и Министерството за информатичко општество и администрација. Партијата исто така ќе ги добие заменичките министерски места за одбрана и за земјоделие, како и повеќе директорски позиции.

Влезот на партијата во влада доаѓа во период кога треба да се носат уставни измени кои се услов за продолжување на преговорите со Европската унија.